Во неколку текстови следниов период, ќе ви ги пренесеме личните искуства на дел од луѓето кои се редовни посетители на нашиот центар. Со ова, преку нивните приказни сакаме да ве мотивираме, да ви пренесеме зошто е важно да се биде физички активен, но и да се негува нашето тело со масажи и посета на спа третмани.
Редовното вежбање и тренинзите те ослободуваат од стресот и така можеш да се фокусираш повеќе на работата која ја работиш. Во мојот случај тренингот ми помага да останам во врвна кондиција, која што ми е потребна за настапите, снимањата и слично. Воедно ми помага и да се ослободам од стресот и да ја активирам мојата креативна страна, кога станува збор за правењето музика. Вежбањето влијае на вашата самодоверба и на здравиот психолошки развој, бидејќи во теретана се сретнувате со различни килажи и гледате да постигнете одредена цел. Со самото тоа се надградувате себеси секојдневно, правите ваш начин на исхрана, а со тоа се подобрува и вашата дисцилина и на крајот се секако здравствените придобивки, вели Таско.
- Колку дена во неделата практикуваш тренинзи?
Најоптимално е да се вежба три дена во неделата, во зависност од обврските кои ги имате, меѓутоа јас лично според моето искуство претпочитам да вежбам 5-6 пати во неделата во која што си давам и еден ден за одмор, закрепнување и регенерација.
- Какви типови на тренинзи практикуваш?
Многу е важна целта која сакате да ја постигнете со вашиот тренинг, односно каде се гледате. Дали е тоа зголемување на вашата физичка сила, дали зголемување на кондициските способности или само добро да изгледате на плажа. Јас лично правам хибридни тренинзи, а тоа се тренинзи кои што содржат вежби со тегови и тежини и во истите тренинзи внесувам и calisthenics.
- Кој дел од денот ти е најдобар за тренинг?
Кога имам време и кога сум послободен најчесто сакам да направам тренинг во утринските часови, меѓутоа кога во текот на денот имам многу обврски, најчесто слободно време наоѓам попладне, тоа е време кога максимално можам да се посветам на тренингот.
- Внимаваш ли на исхраната и како ти почнува денот, оброк – кафе?
Денот ми почнува со кафе, по можност без шеќер, воедно. Наутро практикувам да имам полесен оброк, кој што се базира на повеќе јаглехидрати. Генерално не јадам некоја многу нездрава храна, бидејќи тренирам најразлични спортови од дете и сум навикнат да ја јадам онаа храна од типот на стек, ориз и слично. Секако дека некогаш знам и да се почастам со бургер.